За почеток, секој граѓанин треба да води сметка за планската документација за сиот недвижен имот во негова сопственост, како и имот кој потенцијално планира да го стави во своја сопственост. Обврска на граѓанинот е да ги следи јавните известувања за донесување на нова/измени на планска документација во опфатот кој е од негов интерес.
Краткиот одговор е ДА - доколку планот уште не е донесен.
При изготвување на нов план и пред негово донесување, Општината е должна да организира јавна презентација на планот и јавна анкета каде секое физичко или правно лице, има право на забелешки во однос на предложениот план (нацрт-план). Законот за урбанистичко планирање гарантира инклузивност и партиципативност во процесот на планирање - односно вклученост на секој заинтересиран граѓанин и транспарентност на процесот. Јавната презентација мора да се спроведе во две форми:
- електронска форма : нацрт-планот објавува на електронскиот систем е-урбанизам и на веб-страната на Донесувачот на планот (најчесто Општината)
- хартиена форма: презентација на нацрт-планот на јавно место
Јавната презентација најчесто трае еден работен ден и за неа мора да има доставен јавен повик најмалку 15 дена пред закажаниот термин, кој треба да биде објавен на е-урбанизам, веб страната на Донесувачот и да бидат поставени плакати во и околу локацијата што ја опфаќа планот.
Јавната анкета исто така се спроведува во електронска и хартиена форма како и презентацијата. Анкетата трае најмалку 30 дена, и се состои во поптполнување на анкетни листови со забелешки и предлози за конкретниот план и нивно доставување до Донесувачот на планот (најчесто Општината). Не мора да присуствувате физички на јавната презентација за да доставите забелешки, може да се достават преку системот е-урбанизам, до веб-адресата на Донесувачот или во хартиена форма - директно или преку пошта. Забелешките може да бидат прифатени или одбиени, меѓутоа стручната комисија е должна на СЕКОЈ УЧЕСНИК на јавната анкета кој поднел забелешки да му даде писмено или електронско образложение за причината за (не)прифаќање на неговите забелешки.
Во скоро време имаше случаи со Општини кои наводно не ги прифаќаа анкетните листови од лица кои немаат адреса на подрачјето на опфатот на планот, што е спротивно на законот. Во анкетата може да учествуваат и стручната јавност, невладини огранизации, широката јавност - односно секој кого што планот го засега.
Доколку опфатот кој Ве засега има постоечки план кој е во важност - може многу малку да се направи и најдобро е да се чека донесување на нов план, односно јавна анкета. По правило, нов детален урбанистички план (ДУП) се донесува на период од 5 години, а во меѓувреме институцијата која го донесува е должна да прави годишни анализи за степенот на реализација и проекциите и потребите кои се јавиле во меѓувреме, за доколку е потребно да се ажурира и да се направат измени и дополни на планот. За жал, во голем дел од општините во Македонија ова не е случај и плановите кои се во важност се стари повеќе децении- што е штетно не само за развојот на градот/селото/месноста и јавниот интерес, туку и за приватниот интерес на граѓаните кои сакаат да градат, а се заробени во административни пречки кои не постојат во реалноста.
Доколку Ви се потребни консултации за сите законски права и обврски и законски регулативи во однос на архитектурата и урбанизмот, Архикс Студио Ви стои на располагање за секакви консултации и совети за архитектонски проекти! Контактирајте нѐ на некој од следните начини:
- на телефонските броеви,
- на мејл : archx2020@gmail.com,
- Фејсбук ( Archx Studio)
- Инстаграм ( @archx_mk)
- преку контакт страната : https://archx.mk/contact
или посетете нѐ во Архикс Студио во Влае, Скопје, на кеј, на ул.„Сливовска“ 7-23. Тука сме за да го направиме овој процес полесен! Следете нѐ!
*Сите информации се согласност Законот за урбанистичко планирање од Службен весник на РСМ, бр. 32 од 10.2.2020 година
Comments